26/08/2008
Разговорите за долгоротрајниот спор околу името помеѓу Грција и Македонија се чини дека ќе се одолговлечат, бидејќи процесот се наоѓа во ќор-сокак и шансите за решение се многу мали.
(AНА-МПА, Катимерини - 26/08/08; MИА, Дневник, АНА-МПА, Б92, новинска агенција Фокус, Катимерини, ЕРТ - 25/08/08; ANA-MPA, EРT - 24/08/08, Катимерини, ЕРТ - 23/08/08; Maкфакс - 22/08/08; AП, МИА, Макфакс - 21/08/08; прес-центар на ОН - 19/08/08)
![]() Посредникот на ОН во спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, говори на прес-конференцијата во Скопје минатата недела. [Getty Images] |
Грција во четвртокот (26-ти август) посочи дека ќе продолжи да го блокира пристапот на Македонија во ЕУ и НАТО додека двете земји не постигнат взаемно прифатливо решение на нивниот 17-годишен спор околу името на Македонија.
„Не може да има европски ниту евроатлански курс без претходно решение за спорот околу името, што е основно за добрососедските односи“, рече грчкиот министер за надворешни работи, Дора Бакојани, во интервју за една приватна телевизија.
Но, сигналите што доаѓаат од двата закарани главни града по посетата на претставникот на ОН Метју Нимиц на регионот минатата недела, покажуваат дека шансите за брзо решение се подалечни од кога и да е.
Три дена по посетата на американскиот дипломат на Скопје, македонскиот премиер Никола Груевски во неделата рече дека го отфрлил предлогот на Нимиц за компромис.
Една од идеите на Нимиц претставена во четвртокот „користење на едно име за меѓународна употреба“, им рече Груевски на новинарите. „Тоа е неприфатливо за нас и тука застанавме.“
Груевски додаде дека наместо тоа тој побарал од Нимиц да й предложи двојна формула на Атина, според која Македонија ќе го користи името „Република Македонија“ на меѓународен план и специјално име билатерално со Грција.
Неговото барање, наводно, го изненадил кабинетот на македонскиот претседател Бранко Црвенковски.
„Ние сме изненадени што Груевски зборува за ова“, македонскиот весник Дневник цитираше неименуван претставник на кабинетот во понеделникот. „Македонија официјално ја напушти двојната формула пред самитот на НАТО во април и отиде таму со предлогот „Република Македонија (Скопје)“, за кој Груевски се согласи.
Идеите за кои Нимиц разговарал со Груевски, наводно, ги вклучуваат имињата „Северна Македонија“ и „Горна Македонија“. Нимиц не сака ниту да ги негира ниту да ги потврди извештаите.
Атина, пак, постојано истакнува дека единствено решение што ќе го прифати е едно име со географска одредница кое Македонија мора да го користи во сите инстанци.
Запрашана за коментар во врска со името „Северна Македонија“, кое Нимиц, наводно, го предложил минатата недела, Бакојани во вторникот рече само дека тоа претставува географска одредница.
Во својата изјава изминатиот викенд Груевски ја обвини Атина за намерно одолговлекување на процесот на преговори спонзориран од ОН поради домашната политика.
„Грција има длабоки и сериозни проблеми“, го цитираше грчкиот весник Катимерини. „По еден сериозен скандал избива скоро на секои две недели ... [Владата] ја структуира својата политика ... на начин на кој може да избегне изнаоѓање решение.“
Тоа предизвика остра реакција од Бакојани и главната грчка опозициска партија, ПАСОК, чиј портпарол, Јоргос Папаконстантину, рече дека Македонија очигледно нема намера да помогне во решавањето на спорот околу името.
„Единствената вина за ненапредувањето на европскиот и евроатланскиот курс на таа земја лежи во Груевски, а не во Грција“, рече Бакојани во вторникот.